Категорија: Актуелни информации

НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ

НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ

Општина Кавадарци започна со реализација на проектото за новогодишно украсување на градот. Согласно програмата во пред новогодишно руво со светлечки украси се китат централното градско подрачје и улиците во него.

Светлечки украси ќе се постават на зградата на општината, потоа на градскиот плоштад, како и на улиците: „Илинденска“, „Тиквешко востание“, „Мито Хаџи-Василев“, и „7 Септември“.

Годинава општината ќе ги украси и двата кружни тека стариот кај автобуската станица и новиот кај училиштето „Гоце Делчев“.

Општината во пресрет на новата 2019 година ќе че го украси и Ваташа каде покрај светлечки украси ќе биде поставена и елка.

Целосното украсување треба да заврши во наредните неколку денови, по што Кавадарци за дочекот на новата 2019 година ќе биде украсен.

                                                                                                                                           

ОПШТИНАТА ПОДГОТВУВА НОВА СТРАТЕГИЈА  ЗА ЕКОЛОГИЈА 

ОПШТИНАТА ПОДГОТВУВА НОВА СТРАТЕГИЈА ЗА ЕКОЛОГИЈА 

Општина Кавадарци, екологистите од „Еко живот“ во соработка со регионалната стопанска комора Кавадарци, започнаа со постапка за изработка на нов Локален еколошки акционен план-ЛЕАП.

Овој стратешки документ е од голема потреба за општината, бидејќи постоечкиот е две децении стар и досега воопшто не е ревидиран.

Подолг период екологистите алармираат дека е потребна еколошка стратегија, а општината директно ги чуствува последиците првенствено од аеро загадувањето, изразени во грејната сезона.

Градоначалникот Митко Јанчев како еден од иницијаторите за изработка на општинска стратегија за екологија, вели дека овој документ е потребен за да се знае во која насока ќе се развива општината и како ќе се заштитува животната средина.

„Општината со партнерите од НВО секторот екологија, како и бизнис секторот, сме подготвени да го изработиме овој план, а во наредните години да биде во сервис на граѓаните и институциите. Самиот документ ќе придонесе за подобрување на состојбата со животна средина во општината. Ќе ги опфатиме сите сегменти, од аерозагадувањето кое е  изразено особено во зимските месеци, преку квалитетот на водите, почвата се до климатски промени“.

Од средбата која се одржа во големата сала на Општина Кавадарци, учесниците апелираа до граѓаните да се воздржат од горење на опасни материи за затоплување на домовите, а заинтересираните да земат активно учество во креирањето на овој стратешки документ.

КАВАДАРЦИ ЗА ПРВ ПАТ ДОБИВА ЛИЗГАЛИШТЕ

КАВАДАРЦИ ЗА ПРВ ПАТ ДОБИВА ЛИЗГАЛИШТЕ

Општина Кавадарци на иницијатива на градоначалникот Јанчев, а во соработка со општествено одговорните компании „Црна Река“ и „Кожувчанка“ реализира проект за изградба на монтажно лизгалиште. Лизгалиштето е лоцирано на  тениските терени при спортскиот центар „Јасмин“ на површина од близу 500м2.

Предвидено е да се користи во текот на зимската сезона, со намена за спорт и рекреација пред се на најмладите.

ЕСЕНСКО КАСТРЕЊЕ НА ДРВОРЕДИТЕ   

ЕСЕНСКО КАСТРЕЊЕ НА ДРВОРЕДИТЕ  

Во тек е редовното кастрење на дрворедите кое Општина Кавадарци го реализира преку Јавното претпријатие „Комуналец“.

Станува збор за активност на организационата единица „Паркови и зеленило“, а се работи на интервенција на дрворедите со кастрење на обраснати гранки, како и отстранување на сувите и дотраените гранки кои се потенцијална опасност за пешаците и возачите.

Со оваа акција на општината се опфатени булеварите „Моша Пијаде“ и „Никола Минчев“ како и улиците: „Илинденска“, „Вишешница“, „Блажо Алексов“ и „Димката Габерот“.

Покрај ЈП „Комуналец“ во акцијата како помагатели со механизасија и работна рака се вклучени и општествено одговорните компании: „ EVN“, „Кожувчанка“ и „Матал Апостолови“

ПОТПОРЕН ЅИД НА УЛИЦАТА „СТРАШО ПИНЏУР“  КАЈ КОМПЛЕКСОТ ЗГРАДИ „СИЛЕКС“

ПОТПОРЕН ЅИД НА УЛИЦАТА „СТРАШО ПИНЏУР“ КАЈ КОМПЛЕКСОТ ЗГРАДИ „СИЛЕКС“

Во фаза на реализација е уште еден комунален проект на општина Кавадарци. Градежната оператива го гради потпорниот ѕид на дел од улицата „Страшо Пинџур“ спроти комплексот згради „Силекс“.

Објектот е во должина од 14 метри и висина од 2,75 метри, со намена за спречување на ерозија и лизгање на земјиштето под објектите изградени над него. За негова изградба од буџетото се инвестираат 628.000 денари, во склоп на програмата за комунална изградба.

Со овој проект општината овозможува побезбедно движење на пешаците и на сообраќајот во овој дел на една од нај фрекфентните регионални улици во Кавадарци.